За Ксантика

ЗА  КСАНТИКА

ИЗВАДОК ОД НАЈГОЛЕМАТА ВИСТИНСКА ТАЈНА НА СВЕТОТ НА НИЧЕ ДИМОВСКИ

Старите Македонци имале високо развиено ниво на духовност. Тие имале свои верувања и обичаи, свои култови, а еден од најразвиените и најмилите им бил култот кон Ксантика. Многу народи и религии денес имаат денови за прочистување од негативна енергија, но ниеден народ нема празник стар 3000 години, што се задржал до ден денешен. Македонскиот народ има празник кој е наречен „Ксантика“ и се слави на почетокот на пролетта, од 1 до 31 март. Овој празник за првпат е споменат во записи од Хесиод, кој вели: „Народот кој живее северно од Олимп прославува празник со силни чувства и емоции“.

Самиот збор „Ксантика“ означува светлина, виделина, а според старомакедонските митски преданија тој е епоним од името на божицата на цвеќињата Ксантија во која бил заљубен богот Македон. Во чест на божицата Ксантија, пролетниот празник бил наречен Ксантика, а првиот месец од годината – Ксантик, кој се сретнува во Библијата на повеќе места. Според анализите на современите аналитичари на историјата на Македонија, „Ксантика“ одиграла клучна улога во формирањето на светопогледот на Македонците. Тие од дамнина знаеле за моќта на мислите и за силината на простувањето. Овој празник се споменува како непресушен извор на нивната духовна моќ. Таа била синоним на нивниот идентитет и нивната етничка припадност.

Легендата вели дека нашиот бог Македон, по кого е наречена Македонија во 814 год. п.н.е., е син на богот Зевс. Македон се вљубил во божицата Ксантика, која била негова прва и чиста љубов. Меѓутоа, злите духови решиле да ја претворат Ксантика во цвет. Кога Македон го дознал тоа започнал да ја бара меѓу пролетните цвеќиња. Оттогаш, секоја пролет Македон ја бара Ксантика. Неговото трагање трае 30 дена, а за тоа време ние, Македонците, го прославуваме празникот Ксантика, простувајќи си и посакувајќи си исполнување на сите желби. Во ова празнување секој кој бара прошка (или ја дава), си посакува желба и подарува рачно изработена мартинка, извезена од две бои – црвена и бела. Црвената боја е знак на будење на животната енергија, додека пак белата боја ја симболизира невиноста. Црвената боја ја претставува љубовта на Македон, а белата – чистата, невина, љубов на Ксантија.

Македонската војска, на сите 36 кралеви и цареви, одела во војна по празникот. Тоа било така затоа што во тие 30 дена, додека празнувала војската, таа се чистела од негативната енергија насобрана во зимскиот период. Така биле психички подготвени за победи. До информации за сите 36 кралеви и цареви на Македонија, од Каран до Персеј, доаѓаме преку тајните записи пронајдени во Израел. Силното влијание на „Ксантика“ кај македонската војска се согледува во постојаните порази што им ги нанесувале на племињата кои живееле на југ – Атина, Спарта и останатите градови јужно од Олимп. Најдобар доказ за тоа е битката на Херонеа, на Филип и неговиот син Александар, во која претците на денешните Грци го доживеале најголемиот пораз во нивната историја. Веднаш потоа бил потпишан Коринтскиот договор со кој нивните претци се обврзале на доживотна покорност. Но, за тоа колку била психички подготвена војската се знае од битката кај Гавгамела, каде што Македонците се бореле со Персијците, со однос на сили 1:17. Со оваа битка Македонците останаа запишани во светската историја. Единствено Галите во битка со Римјаните се имаат приближено на однос 1:4.

„Ксантика“ е нераскинлив дел од македонската душа. Таа остана како најсветло обележје на старомакедонските народни обичаи. Исто така, најдени се пишани податоци за празнувањето на овој празник и во белешките на античките писатели Јустин, Диодор и Куртиј Руф кои датираат од И век од н.е. Тие во своите дела, опишувајќи ги походите на Александар Трети Македонски, ја спомнуваат Ксантика како празник на кој македонските војници изразувале длабока почит кон своите предци. Овој празник се спомнува и во „Зборникот на Миладиновци“ (1861): „Денот спроти Марта сучат црвено и бело предено и утрината го клавает на децата на грло, на р’це и нозе за здравје. Тие се викает мартинки, и со нив в Струга стретват ластоиците…“.

За време на празнувањето, жените и мажите, младите и старите ја истакнувале облеката што била исткаена и исплетена во зимскиот период, и се славело со развиорени ора и мелодични песни. Во некои региони на нашата земја и ден денес можат да се видат црвено-белите симболи познати како „мартинки“. „Ксантика“ се празнувала и сe уште се празнува цел месец и не се заборавила до ден денешен, затоа што длабоко е вкоренета во нашата култура и традиција. Таа секоја пролет е со нас. Трагите од ова древно празнување ги гледаме во празнувањето на Прочка, Цветници, Младенци, Лазарица, Тодорица, Летник и Благовец. Исто така, се среќава и во народните ракотворби, во изворноста на македонскиот вез, во монументалоста на нашите песни и ора, во звуците на народните инструменти и во сјајот на пролетните цвеќиња. Овој ритуал го отсликувал верувањето на древните Македонци дека на тој начин се „измиваат душите“, се простуваат гревовите, се ослободува психата од ужасите на војните, се победуваат негативните и ниските страсти итн.

Речиси три милениуми Македонците слават. Низ игри и песни, ритуали и обреди, нивните гласови одекнуваа од небото до вечноста. Носени низ бурното време тие одекнуваат и денес како нежниот yвон на пролетниот развигор. „Ксантика“ е празникот кога се сплотуваат душите на Македонците, со заеднички стремеж за вековна опстојба и подобар живот. Ксантика се славела секоја година со свечено организирани манифестации, културни приредби, спортски натпревари… Тоа бил ден на невиден ентузијазам, празник на светлината, љубовта, пролетта, цвеќињата, убавината и надежта, а првенствено се славел како празник на духовноста и убавината, будење на енергијата и почеток на нов животен циклус.

 

Leave a reply

required

required

optional